Во договорот на Нејмар со Париз Сен Жермен има клаузула за откуп, која станува активна во 2020 година и изнесува 215 милиони евра, тврди каталонскиот весник „Спорт“.

Според весникот, при секој обид за негов трансфер пред крајот на третата сезона во дресот на парижаните, раководството на тимот мора да даде согласност.

Шпанското радио „Кадена СЕР“ пак излегува со различни информации, тврдејќи дека клаузулата за која станува збор ќе влезе во сила во летото 2019 година, а износот што купувачот мора да го плати е 220 милиони евра. Според радиото, една година подоцна, во летото 2020 година, откупната клаузула ќе се намали на 200 милиони евра.

Како што е познато, пред една година Нејмар ја напушти Барселона и премина во францускиот шампион токму преку откупна клаузула, која изнесуше 222 милиони евра. Оттогаш Бразилецот беше поврзуван и со враќање на „Камп Ноу“, но и со трансфер во Реал Мадрид.