Граѓаните повторно можат да поднесуваат барања за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост во Управата за имотно правни работи.
Со измените на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, што стапија на сила вчера, на граѓаните им се дава повторно ова право. Барања за приватизација законски не можеа да се поднесуваат од истекување на претходниот рок на 15 декември 2014, до денеска.
Документите што треба да се приложат кон барањето се: фотокопија од лична карта или пасош, правна основа врз основа на кое е стекнато правото на користење на земјиштето (закон, тапија, пресуда, договор, решение, одлука на надлежен орган) и податоци за земјиштето, односно имотен лист од катастар на недвижности или поседовен лист од катастарот на земјиштето.
Барањата се поднесуваат во подрачните единици на Управата за имотно правни работи во општината во која се наоѓа земјиштето.
Крајниот рок за поднесување на барање за приватизација на државно градежно земјиште е 31 декември 2021 година.