На Воениот стадион во Градскиот парк во Скопје денеска ќе се одржи Отворен ден на Армијата, организиран по повод четиригодишнината од членството на Македонија во НАТО и 75-годишнината од основањето на Алијансата.
На отворениот ден ќе присуствуваат и министерката за одбрана Славјанка Петровска и заменикот на началникот на Генералштабот, генералот Азим Нуредин.
Граѓаните на Скопје ќе можат да го посетат Отворениот ден на кој покрај изложените воени средства, возила и опрема, ќе може да проследат и показни вежби од припадниците на баталјонот за специјални сили, алпинистички вештини на ренџерите, вежба со армиски кучиња, како и музичка изведба од страна на Воениот оркестар.
Армиските припадници ќе ги запознаат граѓаните со техничките карактеристики на дел од вооружувањето и опремата на пешадиските единици, единицата за АБХО, воената полиција, специјалните единици, единиците за врски, инженериските единици и повеќе видови на воени возила.
Меѓу изложените ќе бидат и најновите JLTV оклопни возила, Кобра, армиски хеликоптер МИ/17 и машина –робот за пронаоѓање експлозивни направи.
На посебни штандови, Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ ќе ги претстави своите програми и можностите за студирање на Академијата, ќе бидат претставени професијата воен пилот и можностите за прием во Армијата како професионални војници, а граѓаните ќе можат да земат примерок од магазинот на Министерството за одбрана, „Штит“.
ФОТО: МИА Архива