Седумдесет и пет години од формирањето на НАТО Алијансата и четири години од членството на Република Македонија во НАТО, се одбележуваат денеска на градскиот плоштад во Кавадарци, во организација на Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија, во соработка со Општина Кавадарци.

На настанот ,,Отворен ден за граѓаните”, присутните имаат можност да проследат повеќе музички нумери во изведба на воениот оркестар и да се запознаат со дел од вооружувањето, борбените системи, армиските возила и опрема со кои располагаат единиците на Армијата.

Заинтересираните имаат можност поблиску да се запознаат со техничките карактеристики на борбени, системи и артилериските орудија од артилерискиот баталјон, дел од вооружувањето, воената опрема и возила од баталјонот на воена полиција, четата АБХО, Баталјонот за врски и извидувачко разузнувачкиот баталјон.

– Со зачленувањето на РС Македонија во НАТО се реализираше една од нашите најважни стратешки цели, што беше заеднички зацртана со едногласна одлука на Собранието уште во 1993 година. Членството во НАТО е најголемиот придонес за нашата безбедност и стабилност и претставува најсилна гаранција за територијалниот интегритет и суверенитет на РС Македонија. Ние сме еднаков дел од големото семејство на развиени демоктратии, што обединува безмалку една милијарда луѓе и 50 проценти од светскиот бдп. Ние сме НАТО, беше кажано од официјалниот спикер пред граѓаните на градскиот плоштад во Кавадарци.

На штандовите може да се проследи и промоција на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски” и презентирање на Сквадронот за обука и тренинг на вВИНГ.

На настанот, присутните имаат можност да дегустираат војничко гравче, како и да се освежат со чај, вода и сокови.

Вчера „Отворен ден за граѓаните“ за годишнината на НАТО беше организиран и во Струмица.