Јужнокорејскиот режисер Бонг Џун-хо, Американците Спајк Ли и Џоди Фостер и Шпанецот Педро Алмодовар го отворија 74. Меѓународен филмски фестивал во Кан.
– Конечно сме собрани повторно овде во нашите прекрасни тоалети, рече глумицата Џоди Фостер, која прва се појави на сцената, каде што почесната Златна палма ѝ ја врачи Педро Алмодовар.
Потоа им се придружи и Бонг Џун-хо, добитникот на Златната палма во 2019 година, за филмот „Паразит“, и претседателот на жирито – Спајк Ли. Оваа година, 24 филма се натпреваруваат за Златната палма.
Прв филм на Фестивалот е „Анет“ на Лео Каракс, којшто се натпреварува за главната награда. На списокот филмови во трката за Златната палма, меѓу другите, се и делата на италијанскиот режисер Нани Морети, Американецот Шон Пен, Русинот Кирил Серебреников и Французинот Жак Одијар. Во конкуренција се и „Француска диспечерка“ на американскиот режисер Вес Андерсон и „Бенедета“ на Холанѓанецот Пол Верховен.
Повеќе од 60 филмови ќе бидат прикажани за време на фестивалот, којшто ќе трае до 17 јули.
Канскиот фестивал, што обично се одржува во мај, годинава беше преместен во јули поради корона-пандемијата. Нема полициски час во Кан, ниту ограничувања за бројот луѓе во киносалите, но носењето маска останува задолжително во затворените простории.