Цените на нафтата денеска паднаа на меѓународните берзи по добивките во претходните два трговски дена, под притисок на неизвесните светски економски перспективи и посилниот долар.
Цената на барел сурова нафта падна на лондонската берза во пладневното тргување во однос на претходното затворање од 70 центи, на 82,03 долари. На американските берзи со барел се тргуваше за 65 центи пониско, по 78,11 долари. Вчера цените на двете берзи забележаа добивки над еден процент при затворањето.
Посилниот долар ја прави нафтата поскапа за имателите на други валути и обично го одразува намалениот апетит на инвеститорите за ризик.
„Закрепнувањето на доларот го намалува расположението. Се сомневам дека претстојното објавување на макроекономските податоци за цените на куќите и довербата на потрошувачите во САД, исто така, ги држи купувачите на страна“, рече Стивен Бренок од PVM.
„Општиот апетит за ризични средства се намалува денес и гледаме загуби на повеќето пазари на суровини“, рече Оле Хансен од Saxo Bank.
Цените на нафтата беа поддржани во утринската трговија со оптимизмот на инвеститорите дека патувањето за одмор во Кина ќе ја зголеми побарувачката за гориво и очекувањата за минатонеделниот пад на залихите на сурова нафта во САД.
Неволните и планираните намалувања на снабдувањето обезбедуваат и поддршка за цените на нафтата. Извозот на нафта од северен Ирак веројатно нема да продолжи наскоро по едномесечното затворање, при што производителите на ОПЕК + (составени од членки на Организацијата на земјите извознички на нафта и нивните партнери, вклучително и Русија) започнаа доброволни намалувања во мај.
Сепак, инвеститорите се уште се претпазливи за потенцијално натамошно зголемување на каматните стапки од страна на централните банки во САД, Велика Британија и Европската унија, кои сакаат да ја ограничат инфлацијата, која го забавува економскиот раст и ја намалува побарувачката за енергија.
ФЕД, Банката на Англија и Европската централна банка се очекува да ги зголемат каматните стапки на нивните следни состаноци. ФЕД се состанува на 2 и 3 мај.
Трговците денеска го чекаат објавувањето на податоците од индустриската групација на Американскиот институт за нафта за состојбата на залихите во САД. Аналитичарите изразија очекување за минатонеделниот пад на залихите на сурова нафта за околу 1,7 милиони барели.
ОПЕК денеска објави дека цената на барел нафтена кошница на нејзините членки вчера пораснала за 44 центи на 82,3 долари.