Четири лица се пожалиле на повреди откако лифт паднал во зграда во Кисела Вода на улицата „Христо Татарчев“.
Од ЦУК информираат дека лифтот паднал од над вториот кат во подрум. Во него била екипата на Итната медицинска помош и уште едно лице на чиј повик тие одговарале. Итната помош била повикана на констатација на смрт на шестиот кат во зградата.
Во лифтот се наоѓале пет лица иако тој бил за помала носивост, дознава Курир.
-Во СВР Скопје е пријавено дека во зграда на ул.Христо Татарчев екипа на Итна медицинска помош и Н.К. се качиле во лифт, кој наеднаш почнал неконтролирано да се движи надолу и се заглавил во подрумскиот дел на зградата. Четворица од лицата се пожалиле на повреди и истите се префрлени во ГОБ. „Св. Наум Охридски“, информираат од МВР за Курир.
На терен веднаш за интервенција била повикана и екипа и противпожарната бригада која ги извадила лицата од лифтот, потврди за Курир командатот Ѕвонко Томевски.
Претходно ЦУК информираше дека во лифтот е заглавена екипа на Итната помош заедно со пациент.