Силно невреме проследено со пороен дожд, грмежи и засилен ветер попладнево го зафати Скопје. При првиот налет на невремето паднаа и дрвја, од кои едно врз автомобил во движење, информираат од Центарот за управување со кризи.

Едно од дрвјата во населба „Мичурин“ во Аеродром, падна врз автомобили и на еден во движење, среќа само на задниот дел на автомобилот во движење, појаснуваат од ЦУК.

Дрво падна и во близина на Транспортниот центар на улица Симеон Кавракиров. УХМР веќе информираше дека невреме ќе ја зафати скопската котлина.

Од Управата за хидрометеролошки работи информираа дека дел од фронтален систем придружен со поголема облачна и нестабилна маса се движи од Полошкиот регион кон исток, па се очекува во следниот половина час до час да ги зафати Скопскиот и Кумановскиот регион.

До крајот на денот и во текот на ноќта во земјава времето ќе биде нестабилно со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. На места процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со интензивен пороен дожд и електрични празнења, силен ветер и изолирана појава на град.

Како што соопшти УХМР, нестабилно време нѐ очекува и во текот на утрешниот ден.