Осум венецуелски војници се убиени од март во борбите меѓу армијата и „колумбиските вооружени групи“ на границата со Колумбија, соопшти Министерството за одбрана во Каракас.
-Денеска има деветмина мртви на страната на терористичките групи, и за жал, од 21 март, осум венецуелски војници се убиени и 34 се ранети, рече венецуелскиот министер за одбрана, Владимир Падрино, пренесен од британските медиуми.
Во акциите се уапсени и околу 30 лица.
Колумбиските власти, од своја страна, соопштија дека поради конфликтот во пограничната област повеќе од 3.000 луѓе избегале од Венецуела во Колумбија.
Властите во Богота проценуваат дека активираните вооружени групи најверојатно се дисиденти и неистомисленици со поранешното герилско движење Фарк.