Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска во своето прво обраќање пред Горниот дом на германскиот Парламент, Бундесрат, ја најави можноста веќе од следната недела да дојде до олеснување на мерките воведени поради пандемијата на коронавирусот.
-Здравствените прогнози ни покажуваат дека врвот на бранот е на повидок. Ова ни овозможува на состанокот на федералните и провинциските власти следната недела да ги разгледаме првите и следните чекори за отворање на земјата пролетва, рече Шолц.
Тој кажа дека земјата, истовремено, треба да биде подготвена и за повторно затворање, доколку дојде до зголемување на бројот на заразени.
-Здравствениот систем досега ја издржа кризата, и покрај големите напори за здравствениот персонал, рече Шолц за време на неговото прво официјално обраќање во Бундесратот откако ја презеде функцијата германски канцелар на 8 декември.
Шолц воедно ја искористи можноста да ги повика оние кои се уште не се вакцинирани да го сторат тоа. Претставниците на федералната и провинциските влади во среда треба да се сретнат за да одлучат за натамошните чекори во борбата против пандемијата на коронавирус.