Мировните преговори меѓу Пакистан и Авганистан, одржани во Истанбул, завршија без договор, но двете страни потврдија дека примирјето останува во сила, иако се обвинуваат меѓусебно за неуспехот.

Портпаролот на авганистанската Влада, Забихулах Муџахид, изјави дека „преговорите се во застој“ поради „нерационалните барања на Пакистан“, додавајќи дека Кабул не сака нова нестабилност, но има право да се брани ако избие војна.

Пакистанскиот министер за одбрана, Хаваджа Асиф, потврди дека разговорите се прекинати и дека нема план за нов состанок. Тој обвини дека авганистанската делегација дошла „без план“ и одбила да потпише договор, нудејќи само устни уверувања.

Асиф рече дека примирјето ќе остане во сила „сè додека авганистанската страна не го прекрши“.

Преговорите пропаднаа ден по извештаите дека четири цивили се убиени, а петмина ранети во пакистански напади преку границата – додека преговорите биле во тек.

Последните недели беа обележани со тешки борби во пограничните области, со десетици загинати војници и цивили.

Судирите започнаа по експлозиите во Кабул на 9 октомври, за кои талибанската влада обвини пакистански дронови и најави одмазда.

Пакистанската војска потоа соопшти дека извршила воздушни напади врз засолништа на групата „Техрики Талибан Пакистан“ (TTP) во Авганистан, при што биле убиени десетици бунтовници. Кабул го негира тоа, тврдејќи дека меѓу загинатите има цивили и дека авганистанските сили возвратиле, убивајќи 58 пакистански војници.

Примирјето беше воспоставено на 19 октомври со посредство на Катар, а останува во сила и по неуспешните шестдневни преговори во Истанбул, кои требаше да доведат до нови разговори на 6 и 7 ноември.

Преговорите, со посредство на Турција и Катар, беа третата рунда од почетокот на конфликтот и се сметаа за еден од најзначајните дипломатски обиди за смирување на двете соседни земји откако талибаните ја презедоа власта во Авганистан во 2021 година.

Пакистан ја обвинува авганистанската Влада дека им дава засолниште на милитантите од TTP, кои изведуваат напади на пакистанска територија. Групата е означена како терористичка од страна на САД и ОН. Кабул ги отфрла обвиненијата, тврдејќи дека не дозволува користење на својата територија против други држави.

Во меѓувреме, Пакистан продолжува со затворање на граничните премини и депортација на недокументирани странци, главно Авганистанци. Од 2023 година, според властите, повеќе од еден милион авганистански државјани се вратени во својата земја.