Палестинскиот претседател Махмуд Абас вчера се воздржа од извинување за крвавиот напад на палестинските милитанти врз израелските спортисти за време на Летните олимписки игри во Минхен пред речиси половина век. Наместо тоа, Абас кој се наоѓа во посета на Германија, изјави дека со текот на годините Израел извршил педесет холокаусти врз Палестинците.
Единаесет израелски спортисти и германски полицаец беа убиени на 5 септември 1972 година кога членови на палестинската милитантна група „Црн септември” извршија упад во Олимпиското село. Во тоа време групата беше поврзана со партијата „Фатах“ со која сега раководи Абас.
На новинарското прашање дали планира да се извини на Израел и на Германија воочи 50-годишнината од тој настан, палестинскиот лидер зборуваше за злосторствата извршени од Израел по 1947 година.
„Ако сакаме да одиме во минатото, да продолжиме“, рече Абас на заедничката прес-конференција со канцеларот Олаф Шолц по нивната средба во Берлин. „Има педесет масакри извршени од Израел“, додаде тој.
Стоејќи покрај Шолц, Абас го употреби зборот „холокауст“, на што германскиот канцелар реагираше со гримаса како знак на негодување. Германија со години наназад се залага терминот да се користи исклучиво за злосторствата извршени од нацистичкиот режим и ликвидацијата на над шест милиони Евреи во текот на Втората светска војна.
Иако Шолц претходно го отфрли тврдењето на Абас дека односот на Израел кон Палестинците е „апартхејд“, тој веднаш не изреагира на споменувањето на терминот „холокауст“.
Во изјавата дадена подоцна за весникот „Билд” Олаф Шолц го критикуваше Абас за неговиот избор на зборови, нагласувајќи го како „неприфатливо“ секое минимизирање на злосторот извршен во Холокаустот.
Многу поостар беше конзервативниот пратеник во Бундестагот, Армин Лашет кој преку Твитер објави дека Абас „ќе здобиеше симпатии доколку се извинеше за терористичкиот напад“. За Лашет споменувањето некакви „50 израелски холокаусти“ од страна на Абас се „најодвратниот говор“ што го чул во германска службена просторија.