Специјалниот претставник на Стејт департментот за Западен Балкан, Метју Палмер, рече дека секој што ќе приклучи на блокадата на институциите во БиХ, ризикува санкции од САД, веќе изречени за српскиот лидер Милорад Додик, и дека државна парализа нема да биде дозволена.
-Додик претходно се однесуваше на начин неконзистентен и некомпатибилен со Дејтонскиот договор и затоа беше подложен на американски санкции. Секој што споделува ставови против Дејтон, ризикува да има таков одговор од САД, рече Палмер во интервју за „Гласот на Америка“.
Додик е на црната листа веќе пет години за влегување во САД и замрзнат имот, а пред неколку дена американскиот амбасадор во БиХ, Ерик Гордон Нелсон му рече на Додик дека може да следат нови американски санкции ако продолжи блокадата на државните институции.
Палмер ги оцени потезите на властите на РС како сериозна закана и нагласи дека на Додик нема да му биде дозволено да ги продолжи блокадите.
– Сите ние мора да бидеме јасни, меѓународната заедница мора колективно да даде до знаење дека тоа е неприфатливо и нема да смее да опстане, рече американскиот дипломат на прашање за честата опструкција на Додик. Палмер вели дека Република Српска мора да разбере дека потезите на српските власти носат ризици и штета на европската перспектива на Босна и Херцеговина.
Палмер исто така ги критикуваше одлуките на Европскиот совет, со кои не беа отворени преговори за пристапување со Македонија и со Албанија порано, што според него испрати лоша порака до целиот регион на Западен Балкан.