Холивудската актерка Памела Андерсон му упати отворено писмо на рускиот претседател Владимир Путин, со кое бара да ги ослободи китовите што се заробени во близнина на местото Нахотка во регионот Приморски крај.
Андерсон, која е членка на Советодавниот комитет на Меѓународниот фонд за благосостојба на животните, писмото го објави на интернет страницата на Фондацијата што го носи нејзиното име.
Во писмото таа го моли Путин да нареди нивно ослободување.
– Ви пишувам во врска со 11 орки и 87 белуга китови, кои моментно се заробени во близина на Нахотка. Сакам да и се заблагодарам на руската Влада што презема важни чекори во спречување на меѓународна продажба на тие китови. Разбирам дека Владата презеде иницијатива да ги ослободи тие големи суштества и да ги врати во нивните природни води на рускиот Далечен Исток, напиша Андерсон.
Таа се надева дека руската Валада во соработка со еколози и меѓународни стручни лица ќе развие професионален план за враќање на китовите орки и белуги во нивното природно живеалиште.
Претходно беше објавено дека 11 орки незаконски биле откриени при обид за нивна продажба во Кина и оти се чуваат во посебен центар во Нахотка, како и околу 90 белуга китови.
Поднесена е кривична пријава поради нелегалниот лов, а пред три дена Путин им нареди на министерствата за природни ресурси и за земјоделство да одлучат за судбината на китовите до 1 март.