Паметен телефон спаси возач кој се превртел со возилото. Откако телефонот детектирал удар кај селото Чалошево близу Велес, самиот испратил порака на телефонскиот повик 112 заедно со координати. Центарот за управување со кризи испратил полициски службеници да проверат дали повикот е вистински, информира ТВ Сител.
– Лицето било заглавено во возилото, било извлечено од возилото и со Итна медицинска помош било префрлено во болницата во Велес. Но, поради сериозноста на повредите, бидејќи имало неколку скршеници, лицето било однесено на Хируршките клиники во Скопје, вели првиот човек на Центарот за управување со кризи.
Модерната техонологија може да помогне во кризни ситуации. Во светот има бројни вакви примери. Но Ангелов вели сите треба да се запознаеме со функциите на паметните телефони ако сакаме да ни помогнат.
112 е европски број за итни случаи. Во Македонија се употребува од минатиот февруари, но според податоците на ЦУК, граѓаните се уште по навика вртат директно во Полиција, Итна медицинска помош или Пожарна.
Ангелов вели дека во изминатиот период дневно добиваат по повеќе од 2.000 повици, но околу 50% од нив се или грешни или лажни. За лажните пријави ЦУК не може да поднесе пријави, но Ангелов вели дека тоа можат да го сторат другите надлежни информации. Но и ЦУК имал механизми како да се справи со несовесните граѓани.
– Лица коишто ја држат зафатена нашата линија, коишто ја навредуваат телефонските оператори, кои постојано даваат лажни информации, броевите се евидентираат. Првата опција е да му оневозможи вртење на 112. Ако потоа продолжуваат да се јавуваат, откако условно кажано ќе истече таа забрана, ние бараме од операторот целосно да го исклучи неговиот број, вели Ангелов.
Планот на Ангелов е во иднина да се укинат постоечките броеви за директен повик во Полиција, Пожарна и Брза помош. Сепак, тие ќе можат да се користат бидејќи повикот на тие броеви ќе биде редиректиран кон 112.