Денеска во црквата „Свети Спас“ во Гевгелија се одржа панихида во спомен на 120 годишнината од големата жртва на војводата Леонид Јанков кој загина на 2 септември 1905 година во нерамна борба со турскиот аскер во месноста „Ѓуров дол“, Ѓавачко.

Неговата борба и саможртва е само еден од бројните примери во македонското револуционерно ослободително движење во годините по славната Илинденска епопеја.

Во својата беседа на панихидата, отец Љупче Миланов, протоереј на Гевгелиското архиерејско намесништво меѓу другото истакна:

„Нема поголема жртва од тоа некој човек да ја положи душата своја за доброто на ближниот свој и за својот род. Војводата Леонид Јанков токму тоа го сторил, го положил својот живот за подобро утре на сите нас, Македонците, за неговите современици, за генерациите после него. За генерациите Македонки и Македонци кои денес живеат, и оние кои ќе живеат после нас. Денешниот ден ни е е спомен за тоа дека слободата не ни е дадена како дар, туку таа е плод на големи жртви и подвизи. Наша должност е да ги подучуваме овие генерации на овие жртви, да си споменуваат на овие жртви и да знаат зошто денеска сите можат да зборуваат на својот македонски јазик. Да знаат зошто можат слободно и гордо да шетаат по оваа наша земја и насекаде низ светот, и слободно да кажуваат дека се Македонци. Еден аманет: споменот на војводата Леонид Јанков од година на година да прераснува во што поголем настан. Овој ден, треба да прерасне во едно целосно семакедонско зближување затоа што само така ќе можеме да им пренесеме на идните геерфации на нашите чеда и внуци за тоа кој скапо ја платил оваа македоснка земја. Нека му е вечен споменот, а вие да сте ми живи и здрави“.