Поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски утре би требало да излезе од истражниот затвор Шутка каде пред речиси две недели се пријави да ја издржува затворската казна од две и пол години, која му беше досудена за случајот „АКМИС“.
Извори од затворот во Шутка за Фокус велат дека Панчевски утре треба да излезе од затвор откако тие официјално ќе добијат решение од Врховниот суд.
Највисокиот суд, според извори на Фокус, ја укинал второстепената пресуда на Апелацискиот суд поради процесни повреди, со што останува првостепената пресуда на велешкиот суд која со укинатата пресуда на Апелација станува неправосилна. Првично ова се причините поради кои Панчевски по само две недели излегува од затвор.
Според други медиуми, Врховниот суд ги укинал и двете пресуди.
Панчевски првично беше осуден на казна затвор од 3,5 години, но Апелација му ја намали за една година. Беше огласен за виновен за Злоупотреба на службената положба, поточно дека рачно местел предмети кај одредени судии, како претседател на судот, во периодот од 2013 до 2016 година.
Панчевски во своја одбрана наведуваше дека се случувало системот да пренасочи премногу предмети кај еден судија, а премалку кај други, поради што се наружувала ефикасноста на работата, одноно гтој судија со премногу предмети едноставно не можел да постигне да постапува, па морало да се интервенира и на начин на кој тој тоа го сторил.