Папата Франциско денеска донесе одлука со која им се дозволува на жените формално за време на обредот да читаат молитви, да служат во олтарот и да ги причестуваат верниците, правејќи со тоа уште еден чекор напред во изедначувањето на правата на жените во Римокатоличката црква.
Со декрет, денеска папата го официјализираше она што се случуваше многу години во многу развиени земји и со воведување промени во Канонскиот закон на Католичката црква, ќе биде невозможно конзервативните бискупи да ги спречуваат жените во своите бискупии да ги извршуваат овие свештени дела.
Објавувајќи ја одлуката на папата, Ватикан истакна дека овие новододелени улоги на жените се суштински различни од службите што ги извршуваат свештениците.
Римокатоличката црква дозволува да бидат свештеници само мажите, а жените традиционално биле само на маргините на администрацијата на Ватикан до неодамна, кога Италијанката Франческа Ди Џовани ја презеде новонастанатата позиција во Канцеларијата за односи со земјите каде таа ќе биде потсекретар, односно еден од двајцата заменици министри за надворешни работи.