Папата Франциск и десетици верски поглавари денеска потпишаа заеднички апел до владите да се посветат на амбициозните цели на претстојната конференција за климата на Обединетите нации, ветувајќи дека ќе го направат својот дел за да ги натераат верниците да се однесуваат поодржливо.
– Ја наследивме градината. Не смееме да оставиме пустина на генерациите што доаѓаат, се вели во апелот потпишан на официјална церемонија во Апостолската палата пред да биде предаден на лидерот на конференцијата COP26 Алок Шарма.
За верските лидери грижата за животната средина е морален императив да се зачува Божјото создание за идните генерации и да се поддржат заедниците кои се најранливи на климатските промени. Ова е аргументот што папата Франциск повеќе пати и најобемно го изнесе во енцикликата „Биди фален“ од 2015 година.
„Вера и наука: Апел за COP26“, е најновата иницијатива пред самитот во Глазгов, Шкотска, за кој експертите велат дека е можност за намалување на емисиите на стакленички гасови.
Апелот дојде по младинскиот самит во Милано минатата недела и претходниот апел од тројца христијански водачи: папата Франциско архиепископот од Кантербери, Џастин Велби и духовниот водач на светските православни христијани, вселенскиот патријарх Вартоломеј Први.
Настанот во Ватикан беше заеднички организиран од Светата столица и двете земји што ја предводат организацијата на самитот во Глазгов: домаќинот Велика Британија и Италија, кои моментално ја предводат Групата 20.