Папата Франциск денеска во Нагасаки од светските лидери побара да се откажат од нуклеарното оружје и доктрината на застрашување од времето на Студената војна, истакнувајќи дека трупањето нуклеарно оружје ја загрозува безбедноста, државите ги изложува на непотребни трошоци и му се заканува на човештвото.
Откако положи венец и се помоли пред Споменикот на жртвите од втората атомска бомба што САД ја фрлија врз Јапонија во 1945 година, папата кажа дека тоа место претставува вистински потсетник на „болката и ужасот што ние луѓето сме во состојба да си го нанесеме едни на други“, пренесоа американските медиуми.
-Убеден сум дека светот без нуклеарно оружје е можен и барам од светските лидери да не заборават дека тоа оружје не може да не заштити од актуелните закани за националната и меѓународната безбедност, нагласи папата Франциск.
Илјадници Јапонци се собраа пред споменикот во Нагасаки, додека вториот папа во историјата што ја посетува земјата им одаваше почест на жртвите од атомската бомба.
Папата Франциск го посети Нагасаки, а подоцна ќе оди и до Хирошима, на почетокот од својата тридневен престој во Јапонија, што за своја примана цел ќе го има апелот за глобална забрана на атомското оружје. Нагасаки, градот каде беше фрлена бомбата и во кој се ширело христијанството во оваа земја, претставува совршено место за тоа, наведуваат американските медиуми