Папата Франциск вчера ги повика калуѓерките да се борат доколку со нив неправедно се постапува, дури и во рамките на Црквата, признавајќи дека нивната служба понекогаш се сведува на ропство.
-Ги повикувам да се борат кога понекогаш, кон нив неправедно се постапува. Дури и внатре во Црквата, кога нивната служба, толку благородна, е сведена на ропство. Понекогаш за тоа се одговорни луѓето од Црквата, рече Светиот Отец во видео пораката објавено вчера за да ги претстави неговите февруарски молитвени намери посветени на калуѓерките и жените посветени од Бога.
-Нека не се обесхрабруваат, додаде 85-годишниот папа, кој постојано го осудува насилството и ропскиот однос кон жените.
Прашањето за калуѓерките кои ги извршуваат домашните работи во служба на машката црковна хиерархија, особено на кардиналите и членовите на Куријата, веќе беше во центарот на јавниот интерес.
-Овие жени работат како слугинки за свештеници, бискупи и кардинали, каде готват, чистат, перат облека, и се многу слабо платени, изјави Луцета Скарафија, историчар, коментатор и поранешен директор на списанието „Жена, црква, свет“.
-Тоа во црквата се смета за нормално: жените мора да служат без да бараат ништо за возврат, додаде Скарафија, авторка на книгата „Феминистка и христијанка“.
-Тие се научени да бидат почестени со тоа што им служат на свештениците. Тоа е начин на размислување, додаде таа.