Парабола за милостивиот Самарјанин — една од најпознатите Исусови параболи. Параболата раскажува за тоа како на ранет еврејски патник, кој бил нападнат од разбојници, не запреле да му помогнат ниту од свештеник ниту од Левит што минувале, туку запрел еден странец, Самарјанин.
Иако Самарјаните и Евреите биле во традиционално непријателство, овој Самарјанин му помогнал на ранетиот Евреин, за разлика од припадниците на неговиот народ и оние од кои најмногу се очекува доблест. Претставувајќи ги омразените Самарјани во поволно светло, Исус ги шокира своите слушатели, што е својствено за неговите провокативни говори во кои вообичаените очекувања се превртуваат наопаку.
Исус ја дава оваа парабола како одговор на прашањето на еден еврејски учител по право за идентитетот на „ближниот“ за кој Книгата левитска вели дека треба да се сака (19:18). Параболата е забележана во новозаветното Евангелие според Лука (10:25-37).
Параболата за добриот Самарјанин вдахновувала многу сликари, скулптори, поети и други уметници. Параболата е пример за Исусовата универзална етика, која добила пофалби и вон Црквата. Поимот „Милостив Самарјанин“ го добил значењето на милосрдна личност која им помага на странците во неволја, а многу добротворни и здравствени установи го носат ова име.
Содржина
Кај Лука, приказната започнува со прашање на еден законоучител:
25. И ете, стана еден законик и, искушувајќи Го, рече: „Учителе, што да направам за да добијам живот вечен?”
26. А Он му рече: „Што е напишано во Законот? Како читаш?”
27. Тој одговори и рече: „Возљуби Го Господа, Твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свои помисли; и +својот ближен како себеси!”
28. Му кажа пак: „Добро одговори; тоа прави го и ќе бидеш жив.”
29. Но тој, сакајќи да се оправда, Му рече на Исуса: „А кој е мојот ближен?”
— Евангелие според Лука, 10:25-29
На што Исус му одговара со парабола:
30. Исус му одговори и рече: „Еден човек слегуваше од Ерусалим во Ерихон, и сретна разбојници, кои го соблекоа и му направија рани, и си отидоа, оставајќи го полумртов.
31. Во тоа време слегуваше по тој пат еден свештеник, и кога ги виде, си замина.
32. Исто така и еден левит, кога дојде на тоа место, се приближи, погледна и си отиде.
33. Еден, пак, Самарјанин, кој патуваше, кога дојде до него, го виде и се сожали.
34. И кога се приближи, му ги преврза раните, поливајќи ги со елеј и со вино; па, откако го качи на добитокот свој, го однесе во гостилница и се погрижи за него.
35. А утредента, на кинисување, извади два динарија, му ги даде на гостилничарот и му рече: „Припази го; а ако потроши нешто повеќе, кога ќе се вратам, ќе ти платам.“
36. Кој, пак, од тие тројца ти се чини дека му беше ближен на оној, што падна во рацете на разбојниците?”
37. А тој одговори: „Оној што му направи милост.” Исус му рече: „Оди и ти прави така!”
— Евангелие според Лука, 10:30-37