Лишени од американските и кинеските туристи, кои трошат најмногу, туризмот во Париз може да смета само на Французите. Намалувањето на посетеноста поради епидемијата ги наведе одговорните за туризмот да размислуваат за „забавување“ на масовниот туризам, јави дописникот на МИА.
На најпосетените споменици и и места во Париз, како Ајфеловата кула, Нотр Дам, Дизниленд, Лувр им требаше еден месец за да излезат од изолацијата. Многу од овие места сега можат да се посетат во рекордно време во споредба со минатото. Во Лувр најбројни посетители се странци, дури 75 процнети, исто како и во Замокот Версај или Париз Дизниленд, стапка што се зголемува во текот на летото. Максималниот мерач (500 влезници на секои половина час во Лувр, со силна препорака за резервација) ја прави идеалната конфигурација за посета. Така за да се види Мона Лиза се чека само десет минути.
Инаку туризмот во Париз е масовен, но не како на пример во Дубровник, тој годишно носи околу 50 милиони туристи, кои трошат околу 22 милијарди евра, а во туристичкиот сектор работат околу 388.929 лица. Париз со своите 12. 646 хотелски соби е на третото место зад Лондон и Њујорк. Во 2019 година беа регистрирани 70 милиони ноќевања во хотелите и 10,6 милиони во изнајмени станови. Најбројни од гостите беа Американците 2. 641. 000, потоа Британците 1.866. 000, Германците 1. 252. 000, Шпанците 1 .113. 000 и Кинезите 950. 000. Сепак Кинезите во 2018 година најмногу потрошија – 265 милиони евра, Американците 246 милиони евра.
За споредба еден француски турсти дневно троши во Париз 83 евра, додека американскиот турист троши двојно повеќе. Додека тие од Азија и Среден Исток трошат околу 180 евра на ден.
Како и другите поголеми туристички градови, Париз сега сака да го искористи овој исклучителен период со епидемијата на Ковид-19 за да ги запре првите знаци на масовен туризам, видлив во главниот град. Парискиот регион се чини подготвен за тоа.
– Размислувавме да ги регулираме протоците во музеите и спомениците уште пред Ковид. Сите сега се со распоред за посети и со претходна резервација. Тоа може да остане така и по кризата, изјави Кристоф Деклукс, генерален директор на Регионалниот комитет за туризам.
Градското собрание на Париз планира да се зафати со ограничување на дизел-туристичките автобуси и бродовите на Сена од кои некои надминуваат сто метри должина.
– Мораме да дејствуваме радикално, истакна заменик градоначалникот на Париз, Фредерик Хокард.
Според него, можен е еден друг туризам и мора да се искористи фактот дека туристите веќе не се тука, за да тие се вратат поинаку. Затоа, дизел автомобилите, бродовите за крстарење и становите на Ербнб се приоритетни цели. Односно Париз не сака да биде жртва на масовниот туризам.