Вселената стана место за оспорување на светската доминација, што може да доведе до непријателски маневри, изјави француската министерка за вооружени сили Флоренс Парли, најавувајќи дека воените воздушни сили на земјата се трансформираат во воздушни и вселенски сили.
Во интервју за „Прованс“, Парли го официјализираше именувањето за кое се дискутираше веќе неколку месеци. Таа увери дека Франција во никој случај не е вклучена во трка за вооружување и ја истакна посветеноста на земјата за користење вселената за мирољубиви цели.
– Но, исто така моја одговорност е да се уверам дека јас совршено сум ги идентификувала заканите со кои потенцијално се соочува нашата земја, додаде Парли.
Во 2017 година рускиот „шпионски сателит“ Луч-Олимп се обиде да се приближи до француско-италијанскиот воен сателит Атина-Фидус. Инцидентот подоцна го објави министерката за вооружени сили.
– Констатацијата е дека сателитите сега можат да приоѓаат до нашите, за да ги блокираат или да ги оштетат, дури и да ги уништат, рече Парли.
Командата на вселенски сили, која ќе биде со седиште во Тулуз, на почетокот ќе вклучува 200 луѓе, и 500 лица во 2025 година. Инвестициите во овој сектор ќе достигнат од 3,6 милијарди евра до 4,3 милијарди евра.
Во меѓувреме, подоцна денеска, за првпат ќе биде назначена и жена генерал, Доминик Арбиол што е уште еден показател за трансформацијата на вооружените сили на земјата во однос на поголемо присуство на жени војници во француските вооружените сили. Арбиол дипломирала на Академијата за воени воздушни сили и работела во разузнавање.