ВМРО-Народна партија со големо разочарување го констатира процесот во кој се почесто и погрубо од страна на нашиот северен сосед доаѓаат отровни стрели во вид на изјави, ставови и пароли дека Македонците биле Бугари.
„Најпрвин ја сменија улицата Гоце Делчев во Белград со образложение дека тој бил бугарски комита кој се борел против Србите. Пред десеттина дена дознавме дека во нашата Македонија на месноста Рамне во Охридско е подигнат споменик на кој пишува дека бугарските бунтовници од Охрид предводени од познатиот војвода Петар Чаулев злосторнички убиле српски војници.
А вчера пак за време на спортски настан повторно бевме сведоци на груби пароли кои пренесуваа порака дека „Македонија е стара Србија“.
Да не зборуваме за десетици изјави кои доаѓаат од нивни интелектуалци и политичари со кои исто така се повторуваат истите тези дека Македонците се или бугари или срби.
Уште позагрижувачки е што сите големо-македонски патриоти па и патриотските медиуми упорно молчат за овој процес кој станува се поинтензивен последниве години.
Се надеваме дека еднонасочните македонски патриоти конечно ќе се разбудат после овој срам кој патем го пренесуваше Македонската телевизија во живо“.