Доколку Македонија ѝ ги донира на Украина тенковите кои се набавени во 2001 година, тие не се донација од Русија, како што пишуваат некои медиуми, туку државата ги купи од Украина, тврдат од ВМРО – Народна партија, чиј лидер, Љубчо Георгиевски, беше премиер за време на конфликтот.

„Сакаме да потенцираме дека тенковите Република Македонија не ги доби како донација од Русија, како што пишуваат некои медиуми, туку државата ги купи од Украина, што беше многу важна помош со оглед дека тогаш имаше неофицијално емабрго за продажба на оружје за Македонија. Сакаме да додадеме и нагласиме дека тенковите не се добиени како помош туку се купени со македонски пари“, соопштуваат од ВМРО – НП и дополнуваат дека „добро е С. Македонија да добие некаква компензација од НАТО земјите, бидејќи ова оружје сѐ уште е функционално и употребливо“.

Министерството за одбрана, како што е веќе објавено, потврди дека станува збор за донација што земјава ѝ ја дава на Украина.

Од ресорното министерство кажаа дека земјава ги дава како донација тенковите од тенковскиот баталјон на Армијата кој е планирано да биде расформиран. Оттаму посочија дека станува збор за „трета генерација тенкови кои со развојот на технологијата за неколку години би биле неконкурентни и некомпатибилни со нашите побарувања за снабдување со западна платформа“.

Дел од медиумите објавија дека овие тенкови Македонија ги добила како донација од Русија.