ВМРО – Народна партија смета дека одлуката на бугарскиот Парламент за поддржување на „францускиот предлог“ е добра и тоа ѝ го отвора патот на Македонија кон Европската унија, смета партијата на бившиот македонски премиер Љубчо Георгиевски.
Во продолжение соопштението од оваа партија, една од ретките, ако не и единствената во Република Македонија која гледа иднина на Македонија во ЕУ со таков предлог:
„ВМРО – Народна партија оценува дека со вчерашната одлука на бугарскиот парламент со кој се поддржа францускиот предлог и даде согласност да се тргне ветото кон Северна Македонија, не само што се отвора патот на Европската интеграција на државата, туку и дефакто денешната ја поништува претходната одлука на бугарскиот парламент на која беше донесена познатата рамковна позиција за Македонија.
Со која рамковна позиција да се потсетиме Северна Македонија требаше самата да објави дека „македонскиот јазик и македонската нација потекнуваат од 1945 година, а пред тоа биле бугарски“.
Според тоа ВМРО – Народна партија смета дека францускиот предлог е еден голем напредок во корист на нашата држава и за тоа сакаме посебно да го поздравиме преговарачкот тим на Република Северна Македонија.
ВМРО – Народна партија смета дека францускиот предлог треба да претрпи одредени корекции но исто така повикуваме нашата држава да не ја испушти оваа шанса.
Во таа насока посебно сме непријатно изненадени дека кај најголем дел од противниците на францускиот предлог се уште сметаат дека најголем проблем е внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав. Оваа позиција не можеме да ја разбереме и навистина сакаме да споделиме дека тоа не само што не е проблем туку е и голем исчекор за Македонија“, велат од ВМРО-НП.