По серијата „молби“ и „вербални коментари“ од страна на српскиот претседател Александар Вучиќ и барањето на Владата на Црна Гора, Белград да „не се меша во внатрешните работи на земјата“, српско-црногорските односи се повеќе се заоструваат.
Повод е усвојување на новиот Закон за слободата на вероисповедта и правниот статус на верските заедници во Црна Гора, со кој се предвидува дека сите верски заедници, вклучувајќи ја и Српската православна црква (СПЦ), мора да докажат дека имале сопственост над нивните имоти пред 1918 година или во спротивно ќе им бидат одземени.
Српските провладини медиуми објавија серија текстови, информации и анализи во „одбрана на светости и на СПЦ“ во Црна Гора, а во нападите се вклучи и поглаварот на Српската православна црква, патријархот Иринеј.
– Она што сега го прави и најавува дека ќе го направи претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, предизвикува зачуденост низ целиот свет. Бог нека му даде ум да размисли што прави и да не заслужи проклетство и осуда од целиот српски народ и од Српската православна црква , изјави Иринеј на Јутјуб каналот на телевизијата Храм на СПЦ.
Тој се запрашува „што се Црногорците, ако не се Срби од Црна Гора“, додавајќи дека исто така постојат и Срби „Шумадинци, Војвоѓани, Личани, Босанци, Херцеговци и други“.
Според Иринеј, жално е тоа што човекот кој е на „престолот на своите предци” го прави она што него правеле ни Турците.
– Турците не атакуваа на црковниот имот, ниту комунистите, ниту пак некој друг го правеше тоа. Но, дојде Црногорец да ја уништи српската црква во Црна Гора, која ја создаде Црна Гора и без која Црна Гора немаше да постои. Да не беше српската црква, тие ќе ја доживееја судбината на соседите од Призрен и ќе го примеа Исламот и ќе загубеа сè од српскиот народ, изјави патријархот Иринеј, додавајќи дека „српскиот народ убаво кажал оти потурчените се полоши и од Турците“.
Во меѓувреме, СПЦ во храмот на „Христовото воскресение“ во Подгорица одржа собор наречен „Тројчиндански“, на кој митрополитот Амфилохие побара од црногорската Влада „во разумен рок“ да го повлече Предлог-законот за слобода на вероисповедта и да подготви нов, а пензиониран епископ Атанасие порача „да не се провоцираат Херцеговците“, бидејќи во спротивно „ќе ги земе моштите на Св. Василије Острошки“ од истоимениот манастир во Црна Гора.
Српскиот претседател Александар Вучиќ по „молбата“ за повлекување на црногорскиот закон, денеска „не сакаше да ги коментира одлуките на „Тројчинданскиот собор“, со цел, како што рече, да не создава „зла крв на кој било начин“.
– Реков што имав да кажам преку мала молба, која не само што не беше „услишена“, туку беше и презрена од страна на црногорските власти. Им благодарам на тоа, изјави Вучиќ.