Барт Д. Ерман во своите трудови, внимателно ги анализира добро познатите противречности во некои делови од Новиот завет, како случајните грешки, но и намерните фалсификати и манипулација, сè со цел да се зајакне позицијата на формалната црква.

Ерман, кој живее во Северна Каролина, има напишано повеќе од 20 книги, вклучувајќи неколку бестселери на „Њујорк тајмс“, професор е по религиски студии, а во последниот поткаст на американската историчарка Меган Луис, зборува за „патувањето“ на апостол Павле на „Третото небо“ и опишување на истото во неговите посланија до Коринтјаните…

Па така, Ерман, „патувањето“ на апостолот Павле во „Третото небо“ го нарекува визија односно, лично искуство на Павле иако, тој за тоа зборува во трето лице најверојатно, како реторички начин на понизност,

„Визиите за натприродни суштества или места се релативно чести во Библијата и раните христијански списи. Од визии за воскреснатиот Исус, до патувања во задгробниот живот, писателите бележат цела низа фасцинантни случувања. ‘Патувањето’ на Павле до ‘Третото небо’, краткиот, но енигматичен негов извештај во Второто послание до Коринтјаните ги интригира читателите со векови.

И еврејските и грчко-римските општества очекувале луѓето да имаат визионерски искуства – понекогаш замаглувајќи ги границите помеѓу соништата и будните визии“, вели Ерман. Тој објаснува дека „Третото небо“ е највисокото ниво на Рајот, каде што се наоѓа самиот Бог.

„Многумина во христијанството мислеле дека небесните светови се слоевити, дека постојат различни нивоа на небото и на крајот, во зависност од праведноста на една личност, таа завршува на одредено ниво. Во случајов, Павле отишол на највисокиот „кат“, отишол на престолот, во собата на Бога. Павле вели дека тој бил однесен таму, тоа не било нешто што го направил самиот, туку Бог го однел таму и му открил работи што не му е дозволено да ги каже никому. Павле ова го кажува во трето лице, но јасно е дека зборува за себеси“, објаснува Ерман.

Визијата на Павле се вклопува во традицијата на слоевити небеса и духовни искачувања што се наоѓаат и во еврејската и грчко-римската литература.

Понатаму, овој истражувач на Библијата, отвора дискусија дали визиите се вистинити или не. Потенцирајќи дека денес главно, визиите им ги припишуваме на луѓе кои имаат невролошки проблеми, тој нагласува дека тоа е знак на болест само во современиот свет:

„Според психолошко-невролошките студии, околу 13 проценти од луѓето пријавуваат дека имаат визии, а не се притоа болни.„Постојат различни објаснувања за нив, но кога зборувам за визии, јас се држам до значењето на зборот: зборот визија е од латинскиот widet што значи да се види и затоа визијата е нешто што го гледате. Халуцинацијата можеби има, но визијата нема надворешен стимул значи, нешто е што всушност го создава тоа што си ти, твојот мозок. Твоите очи не се твоето единствено сетило, тоа е некаков вид сензорно искуство што го имаш, каде што сетилниот орган не е стимулиран од нешто надворешно и затоа е внатрешно генерирано нешто. Трикот е како да разликуваме што е навистина таму и што не е таму.“

Грчко-римскиот начин на размислување не правел строга разлика помеѓу природното и натприродното. Боговите се сметале за дел од продолжетокот на реалноста.

„Нашите невролошки системи не се различни од оние од пред 2000 години, не е дека не сме еволуирале, но би рекол дека луѓето не биле толку научно ориентирани како нас, за да имаат остра диференцијација помеѓу она што го сметаме за природен и духовен свет. Тие имале тенденција да мислат дека сè е интегрирано во истиот свет и дека кога ќе се случи она што ние би го нарекле натприроден настан, тие едноставно зборуваат за тоа како за различен вид на природен настан. Знаете, боговите биле активни во природата.“

Ерман тврди дека порано не се правело ни разлика помеѓу соништата и визијата на начинот на кој ние денес го правиме тоа, дека не било баш важно дали спиеме или сме будни, дека тоа е еден ист феномен.

Приказната на апостолот Павле како бил однесен на „Третото небо“ е дел од неговата поширока стратегија за одбрана на своето апостолство. Кога е предизвикан од соперничките водачи, Павле не се „фали“ само со своето страдање, туку суптилно се повикува на тајни духовни откровенија. Структурата на Второто послание до Коринтјаните е сложена. Што значи дека Второто послание до коритјаните што сега е во Библијата е всушност компилација од повеќе претходни писма на апостолот – помагајќи ни да ја реконструираме приказната за Павле и Коринтјаните со текот на времето.

Визијата за „Третото небо“ е енигматична, но е централна за тврдењето на Павле за негов посебен авторитет – не само како чудотворец, туку и како некој со пристап до длабоки, тајни откровенија.

„Убеден сум дека Павле немал само две посланија до Коринтјаните. Ранохристијанската литература, но и други литератури, понекогаш земаат различни дела од истата личност и прават „албум со неговите најголеми хитови“. Мислам дека всушност, Второто послание има пасуси од пет различни дела во него. Ова послание речиси сигурно комбинира извадоци од најмалку две (можеби и пет) одделни писма на Павле.“

На крајот од ова гостување Ерман се осврнува и на монотеизмот на Исус Христос.

„Многу елементи во Новиот завет (вклучувајќи ги виденијата и појавувањата во воскресението) имаат аналогии во паганската литература, но Библијата не е едноставно копирање на грчките класици. Евреите низ историјата, во античкиот Израел, не биле монотеисти, тие верувале дека има многу богови, но имало само еден на кој ќе му се поклонуваат.

Исус бил во тој камп, тој не мислел дека другите богови се всушност богови, но тој верувал дека постојат и други натприродни сили кои се помоќни од луѓето. И можеш да ги наречеш нив како божествени суштества, но тој не би ги нарекол богови. Многу елементи во Новиот завет имаат наговестувања од паганската литература, но Библијата не е едноставно копирање на грчките класици“, вели Ерман.

Бранка ДОНЕВСКА НАЈДОВСКА за МИА