Виктор Паунов, кандидат за градоначалник за општина Карбинци од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, денес гостуваше во емисијата За или против, на Алфа телевизија и истакна дека програмата за локалните избори е изработена да соодветствува со интересите и потребите на граѓаните. Според него, од голема важност е континуитетот во работата, а во своето гостување наброи и дел од проектите кои се во изборната програма.
„За овие четири години реконструираме и изградивме 2 училишта, воведовме еднократна парична поддршка најпрвин во висина од 3.000 денари, потоа ја зголемивме на 5.000 денари и сега во новата програма ќе биде зголемена на 8.000 денари, се работи за парична поддршка на новороденче, ученик којшто е запишан во прво одделение, средношколец во прва година средно училиште и студент на државен универзитет во рамките на државата“, рече Паунов.
Во делот на спортската инфраструктура, Паунов сподели дека до сега, во овие четири години, се вложени повеќе од 15 милиони денари општински средства и додаде дека тоа претставува солиден влог за една општина како што е Карбинци.
„Вложивме во делот на повеќенаменски мултифункционални игралишта, изградивме или реконструстуиравме, модернизиравме 5 вакви спортски терени, со модерна тартан подлога, нови реквизити, реконструкцијата којашто ќе се случи наскоро на спортска сала во рамките на училиштето „Страшо Пинџур“ во село Карбинци, формиравме два боречки клуба“, кажа Паунов.
Паунов истакна дека неговата програма е изработена во согласност со потребите на граѓаните и во соработка со нив, при што напомена дека истата ќе биде негова водилка во наредните четири години. Паунов истакна дека мошне е битен континуитетот во работата, во проектите за да можат проектите да се испорачаат и да се исполни програмата. Притоа Паунов ги наведе приоритетните проекти од неговата програма.
„Мојот клучен проект во следниов мандат, а тоа е обезбедување на плацеви за домување или урбанизација на 14 хектари површина, кадешто ќе обезбедиме 150 вкупно плацеви за индивидуално домување, општината изработи проекти на типски куќи коишто ќе бидат бесплатно дадени на купувачите на овие плацеви и ќе бидат ослободени од комуналии за градба. Изградба на спортска сала во општина Карбинци, реконструкција и на регионалниот пат Штип- Карбинци со проширување на оваа делница, веќе е во фаза на припрема, ќе има нов мост на река Козјачка во селото Козјак, доуредувањето на речното корито на Козјачка река исто така е во една завршна фаза“, заклучи Паунов.