За една општина, особено рурална, важно е креирањето на политиките да произлегува од комуникацијата со граѓаните. Она што ние, како општина Карбинци, директно го работиме е врз основа на различни форми на комуникација и средби со граѓаните, со жителите од сите населени места, да успееме да ги креираме нашите политики и планови за работа, вели градоначалникот на Карбинци, Виктор Паунов на денешната панел дискусија во рамките на настанот Саем-Отчет, насловена „Граѓаните главни во носењето на одлуките во општините“.

Посочи дека една од тие е преку месните заедници, коишто во руралните средини функционираат на поинаков начин и дека низ такви активности, заедно со месните заедници, претседателите и членството на истите, низ низа средби и состаноци овозможуваат заедничко планирање на функционирањето на општината.

„Важен елемент за едно вакво општество е и планирањето на буџетот, кој што се работи пред реализација, односно претходната година се креира за следната календарска година, да го направите врз основа на идеите и потребите на граѓаните, токму од онаа директна комуникација која што треба еден градоначалник, еден совет или советници да ја има со граѓаните од населените места. Карбинци ги им 29 населени места, каде што потешко функционира прибирањето на информациите за да допрете до секој еден жител и до секое едно населено место, но ние се обидуваме низ низа активности како форуми, заедници или средби групирани на едно место, да ги сознаеме информациите и токму така да ги креираме политиките“, рече Паунов.

Додаде дека во изминатите четири години од мандатот, се што е реализирано во општината, произлегуваат токму од заедничките средби со граѓаните.