Приоритетите на претседателството на Хрватска со Европската Унија, како и проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан беа во фокус на разговорите на средбата на грчкиот претседател Прокопис Павлопулос и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, jави дописничката на МИА од Атина.
Претседателот на Грција изрази убеденост дека хрватското претседателство ќе биде успешно, истакна дека Грција е подготвена да соработува во таа насока и додаде оти ја поддржува перспективата за влез на Хрватска во Шенген зоната, еврозоната и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), а се осврна и на проширувањето на Унијата.
– Го поддржуваме проширувањето на Европската Унија, со пристапување на земјите од Југоисточна Европа, под неприкосновениот услов дека земјите ги исполнуваат, во целост и без никаква отстапка, предусловите поставени од европското законодавство во целина, рече Павлопулос на почетокот на средбата со хрватскиот премиер.
Пленковиќ од своја страна се задржа на трите основни цели и на Хрватска: влез во Шенген зоната, во еврозоната и во Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), а за шестмесечното претседателство со Унијата се осврна на аспектите и приоритетите, меѓу кои силен економски развој на Унијата, безбедноста и глобалната позиција на ЕУ, а го спомена и Самитот за Западен Балкан што во мај ќе се одржи во Загреб.
– Би сакал да потсетам дека Самитот во Загреб се одржува дваесет години по првото пристапување на земјите од Југоисточна Европа во Европската унија и сакам да кажам дека ние ќе бидеме присутни за да им помогнеме на балканските земји кои сега се на ред да влезат во Европската унија и да ги поддржиме во овој напор, истакна хрватскиот премиер.
Средбата меѓу Андреј Пленковиќ и Прокопис Павлопулос беше во рамки на учеството на хрватскиот премиер на четвртиот Евро-арапски светски самит што денеска и утре се одржува во Атина.