На четврта последователна работилница членовите на Здружението за пчеларство „Пчела“ од Крива Паланка во пчеларник во село Градец, Кривопаланечко, учеа и усовршуваа најнови методи на матичен млеч и префрлање матичници во оплодници.
Обуката ја спроведуваат Мирољуб Голубовски и Бранко Соколов, преофесионални пчелари со повеќегодишно работно искуство од наведената област, во соработка со тимот од локални пчелари задолжен за имплементација на проектот.
-Бенефитот од пчеларството може да биде директен – производство на примарни пчелни производи и можноста за изработка на секундарни пчелни производи, како и индиректен – преку опрашувањето на ентомофилните растенија. Индиректната корист од пчеларството според повеќе автори се пресметува дека е поголема за 100 до 150 пати од директната, и како важна стопанска гранка треба да се унапредува постојано, изјави Голубовски.
Работилницата е дел од проектот „Промоција и примена на современи апитехнички методи за унапредување на производство на примарните пчелни производи – мед, полен, прополис, матичен млеч и пчелин отров, како и сериско производство на матици“, финансиран од буџетот на Општина Крива Паланка од средствата определени за финансирање на здруженија на граѓани и фондации за 2018 година.
– Во изминатите десетина години сведоци сме на значајно намалување на бројот на пчелни семејства на светско ниво, како последица на климатските промени, користењето пестициди, појавата на нови болести, штетници и предатори на пчелите, но и несоодветни апитехнички мерки кои одгледувачите на пчели ги применуваат на своите пчеларници. Евидентно во континуитет е и намаленото производство на мед кај нас во изминативе десет години. Проектите од овој вид се од голема важност поради континуирана и професионална надградба на знаењата на пчеларите, како и пренос на најновите сознанија од областа на пчеларството меѓу нив, со што во континуитет се подобруваат капацитетите и ресурсите не само на членовите на „Пчела“, туку и на пошироката заедница, истакна Голубовски.
Целите на проектот се преку теоретски и практични работилници, членовите на Здружението да се запознаат и да започнат да ги применуваат современите апитехнички методи за унапредување на производството на примарните пчелни производи како и сериско производство на матици.
Досега се спроведени вкупно четири, од кои три теренски работилници, на следниве теми: апитехнички методи за производство на мед, полен, прополис, матичен млеч и пчелин отров, производство на чаури, припрема на рамки за пресадување на ларви, формирање на стартер, одгледувчко семејство, и пресадување на ларви за производство на матици, ставање матичници во кафези и нивно префрлање во финишери и пресадување на ларви за производство на матична млеч и вадење матична млеч и формирање на оплодници и додавање на матичниците во истите.
Следната работилница ќе се одржи до крајот на месецот на тема: контрола на квалитет на произведените матици и нивно бележење, ставање на матици во транспортни кафези и вежба за проверка на стекнатите практични знаења: пресадување на ларви за производство на матична млеч и матици од страна на учесниците на нивните сопствени пчеларници.
Здружението на пчелари „Пчела“ функционира во аграрниот сектор со одгледување пчелни семејства и производство на примарни и секундарни пчелни производи. Формирано е во 1980 година, член е на Пчеларска Федерацијата на Република Македонија.