100 дена локална власт навидум премал период за да се реализираат ветените проекто, но сосем доволен за да се покаже и воочи разликата во функционирањето, вели градоначалникот на општина Охрид од ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Пецаков на денешниот отчет насловен Промени што носат иднина – 100 дена локална власт отчет на ВМРО-ДПМНЕ.
Пецаков истакна дека со преземањето на функцијата направил увид во финансиската состојба на општината и јавните претпријатија, нагласувајќи дека општината е задолжена од околу 14 милиони евра, додека пак долгот на јавните претпријатија е повеќе од 8 и пол милиони евра.
Со преземањето на локалната самоуправа, направивме увид во финансиската состојба на локалната самоуправа и јавните претпријатија. Состојбата ја покажува лавиринтската децениска задолженост на општината и јавните претпријатија, што укажува на немање волја и незнаење за надминување на ваквата состојба. Согласно извештајот на стручните служби за констатирани обврски кои Општината ги има кон доверителите, вкупниот долг изнесува во евра околу 14 милиони евра. Доста интересно е тоа што после финансиската помош за раздолжување на општината од страна на Владата на Република Македонија, во 2019 година долгот изнесувал нешто повеќе од 8 и пол милиони евра, вели тој.
И финансиската состојба во општинските јавни претпријатија е слична како и во локалната самоуправа. Јавното претпријатие „Водовод“ има вкупен долг од околу 5 милиони евра, од кои приближно 4 милиони евра е долг кон ЈП „Колектор“ од делбениот процес, а од основањето на новото претпријатие, генериран долг од самото јавно претпријатие за не цели две години е 1 милион евра. Она што можеби најмногу загрижува и ја покажува сета несериозност на минатата структура на локалната власт, е новиот долг на ЈП “Водовод“ од 1 милион евра. Јавното претпријатие „Билјанини извори“ има долг од околу од 1 милион и 200 илјади евра, „Охридски комуналец“ има долг од околу 1 милион евра, „Нискоградба“ има долг од нешто повеќе од 750 илјади евра, „Градски пазар“ има долг од приближно 40 илјади евра, „Градски гробишта“ има долг од 16 илјади евра. Вкупно сите претпријатија должат нешто повеќе од 8 милиони евра. Кумулативно долгот на општинските јавни претпријатија плус долгот на Општина Охрид изнесува 22 милиони евра, нагласи Пецаков.
Пецаков рече дека во изминатите 100 дена стигната е во финална фаза реконструкцијата на плоштадот Крушевска Република, булеварот Македонски просветители“ е веќе навлезен во втора фаза од реализација, како и дека катната гаража е влезена во финална фаза. При ваквата генерална слика за состојбите во општината, во изминатиов период пристапивме кон стручно и компетативно екипирање на секторите, службите и јавните претпријатија, за да отпочнеме нов циклус на транспарентно и одговорно работење. При тоа, продолжувајќи ги оние проекти и процеси кои биле во тек, а биле неоправдано закочени во нивната реализација. Во програмата со која настапив пред Вас, Охриѓани, ветив приоритетни проекти кои ќе ги реализираме со мојот тим. Еден од нив е проектот за „Реконструкција на плоштадот Крушевска Република“. Сакам тука да ве информирам дека по однос на овој проект сме стигнати во финална фаза. Процесот за „Ревитализација на Студенчишко блато“ е во напредна фаза. Успеавме сите засегнати страни да ги седнеме на маса за да изготвиме заедничко прифатливо решение. Булеварот „Македонски просветители“ е веќе навлезен во втора фаза од реализација, а катната гаража исто така е во финална фаза, кажа Пецаков.
Во однос на животната средина Пецаков посочи дека се исчистени 167 диви депонии.
Се грижиме за чист и зелен Охрид. Исчистивме повеќе од 167 диви депонии и подигнавме 673 метри кубни кабаст отпад. За споредба за период 2020 година до ноември 2021 година имаше подигнато 844 метри кубни кабаст отпад. За прв пат после 7 години се исчисти депонијата во населба Даљан. Се исчисти дивата депонија на улицата „Јордан Мијалков“, кажа Пецаков.
Пецаков додаде дека започната е постапка за брзо решавање на предметите на легализација.
До овој момент се издадени нешто повеќе од 140 решенија за легализација. Во основните образовни институции само во текот на месец декември 2021 година трансфериравме повеќе од 7 милиони денари, додека во средните за истиот тој период трансфериравме над 3 милиони денари, нови стипендии за ученици, студенти, магистранти и докторанти, со ретки болести и посебни потреби кои учат и студираат во државни и приватни училишта, односно универзитети, рече Пецаков.
Ја започнавме постапката за изградба на спортска сала во ОУ „Ванчо Николески“ Лескоец. Во моментов се води постапка во имотно правната служба, по што следува носење на урбанистичко планска документација и одобрение за градба. Во фаза на проектирање е и изградбата на ново училиште кај сегашното ООУ „Григор Прличев“. Финансиските средства се обезбедени преку УНДП за чија потреба е изработена и проектна документација. Се реконструираат фасадите на ОУ „Св. Наум Охридски“ Пештани и СОСУ „Св. Кирил и Методиј“, додека во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ за скоро време започнуваат градежните активности за инсталација на лифт. Во ОУ „Григор Прличев“ како дел од проектот „Биди Ин, биди ИНклузивен“ се отвори првата сензорна градина. Изготвивме правилник за субвенционирање на родителите чии деца го посетуваат Центарот за третман на лица со аутизам и атипичен развој. Исто така го решаваме и круцијалниот проблем кој Центарот го имаше, а тоа е изградба на надворешни скали за посебен пристап, дециден е Пецаков.
Во однос на животната средина, зедовме активно учество при подготовката на нацрт – планот за прогласување на Студенчишко блато за Парк на природата, во Студијата за валоризација на Охридското езеро за прогласување на Споменик на природата, а понатака учествуваме во изработка на планот за крајбрежјето на Охридското езеро, вели тој.
Пецаков додаде дека се обезбедени средства за спортски клубови и здруженија за спортски манифестации и индивидуални спортисти.
Обезбедивме средства за спортските клубови, спортските здруженија за спортски манифестации и индивидуални спортисти. Го возобновиме изборот за најдобрите спортисти од Охрид, изјави тој.
По преструктуирањето на јавните претпријатија тие пристапија кон вршење на нивната основна дејност, а тоа е да бидат во служба на граѓаните. Па така, се изведуваа водоводни, канализциони и атмосферски линии. Се поплочуваат тротоари, се започна со реконструкција на помошното игралиште во СРЦ „Билјанини извори“, се врши подготовка за реконструкција на градскиот базен, изјави градоначалникот Пецаков.
Градоначалникот Пецаков нагласи дека и во следниот период ќе работи стручно, одговорно се со цел реализирање на проектите кои што ги ветил пред охриѓани.
Ве уверувам дека, ништо нема да не спречи да го реализираме нашето изборно ветување и нашата цел: Со посветеност, стручност и одговорност, да создадеме извесна и среќна иднина за сите нас и нашите поколенија, заклучи Пецаков.