Работиме за да го искористиме временскиот период до повторното отворање на дискусијата во ЕУ за старт на преговорите со С. Македонија и Албанија, со цел во соработка со сите лидери на земјите од Западен Балкан да постигнеме најдобар можен резултат на следната средба.
Ова го изјави портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина во однос на тоа кои ќе бидат темите и пораките на претстојната средба на премиерите Зоран Заев и Кирјакос Мицотакис в четврток во Солун.
– На нашите средби, без разлика дали се средби во Грција со лидери на земјите од Западен Балкан или во Европа, ние секогаш се стремиме да инсистираме на нашата основна политика, дека европска перспектива на Западен Балкан е во корист и на Европа и на западнобалканските земји. Со оглед на тоа дека на Европскиот совет на 17 и 18 октомври во текстот со заклучоците го имавме фактот оти дискусијата одново ќе се отвори во следните месеци, ние работиме за да го искористиме овој временски период во соработка со сите лидери на сите земји од Западен Балкан за да постигнеме најдобар можен резултат на следната средба, рече Пецас