Враќање на мигрантите и бегалците кои немаат право на азил во Грција и прераспределба меѓу европските земји на оние кои имаат право на азил се двете основни точки, според портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас, што треба да бидат вклучени во европската политика за справување со конкретното прашање.
На денешниот редовен брифинг со новинарите, Пецас, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина во однос на тоа дали се загрижени за зголемениот бран бегалци и мигранти рече дека „се чини дека постојат зголемени бранови во последниот период, во главно од исток“.
– Основното прашање во овој момент е во една обединета европска политика за справување со две основни теми. Од една страна, враќање на оние кои немаат право на добивање азил во нашата земја и од друга страна, на европско ниво, прераспределување меѓу европските земји на оние кои имаат право на азил. За овие теми се разговара во Европа и ќе бидат предмет на разговор и во Берлин, како што беа и во Париз, истакна Пецас во одговор на прашањето на МИА.
Од 19 до 25 август, според податоците од УНХЦР на островите во Егејско Море, што се во близина на Турција, пристигнале 1.769 лица, бројка помала од онаа од претходната седмица, но поголема во споредба со истиот период минатата година.
За вчерашната полициска акција во центарот на Атина на објекти под опсада во кои беа откриени 143 бегалци и мигранти и реакцијата од опозициската СИРИЗА дека „сцените со напикани семејства со мали деца во полициски автобуси се срам за демократијата“, портпаролот на грчката Влада одговори со фотографии од објектот во кој беа пронајдени и условите во кои живееле таму, но и од просторот односно хотелот во кој што беа пренесени вчера.
– Ние, по вчерашната акција на полицијата во Ексархија, кога констатиравме дека постојат семејства со деца, се погриживме тие навремено да се пренесат во простор што ги исполнува основните предуслови, рече Пецас и додаде дека грчките граѓаните ќе оценат каде завршува чувствителноста, а каде започнува хипокризијата, додавајќи дека нивната цел е да ги комбинираат безбедноста со хуманите услови.
Бегалското-мигрантското прашање е една од темите за кои премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис разговараше на средбата со францускиот претседател Емануел Макрон минатата седмица во Париз, а ќе биде и на агендата разговори со германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин.