Шефицата на австралиската дипломатија Марис Пејн смета дека Турција е единствено одговорна за бегството на борците на екстремистичката Исламска држава од притвор во Сирија.
Пејн ова го кажа во австралискиот Сенат откако стотици приврзаници и членови на семејствата на борци на Исламска држава вчера побегнаа од притворски камп, по судирот меѓу турските сили и сириските Курди.
Опозициските пратеници наведуваат дека токму американската одлука да ги повлече силите од северот на Сирија ја овозможи турската воена акција.
Пејн, меѓутоа, вината за тоа не ја посочи во САД, изјавувајќи дека Турција е „исклучиво одговорна за акцијата на своите и силите кои работат за неа“.
Турција, според неа, е одговорна и „за хуманитарното страдање кое го предизвикува со својата воена операција“.