Најмалку 36 лица починаа како последица на топлиот бран што зафати делови на Индија, при што се измерени рекордно високи температури од дури 51 степени Целзиусови.
Како што соопшти Национална служба за елементарни непогоди рекордно високи температури за овој период од годината се регистрирани во над 20 индиски сојузни држави.
Така, во Њу Делхи денеска е измерена температура од 48 степени Целзиусови, а во сојузната држава Раџастан 51 степен.
– Ова е најголемиот топлотен бран досега. Сличен бран имаше и во 2015 година, но во девет држави, а сега тој зафати 23 држави, изјави претставник на Националната служба за елементарни непогоди.
Тој информира дека досега се регистрирани 36 смртни случаи како последици на топлото време. Најголемиот број од починатите се нископлатени физички работници по потекло од руралните средини, кои дошле во големите градови во потрага по работа и подобар живот.
Недостигот на вода во текот на летните месеци е вообичаена појава за Индија, но хидрометеоролозите стравуваат дека оваа година ќе биде особено критична во западните и јужните делови на Индија.
Топлото време ја зафати Индија уште во текот на март, но екстремно високите температури почнаа да се јавуваат кон средината на минатиот месец. Метеоролозите предвидуваат дека екстремната жештина во земјата ќе трае до средината на овој месец.