Високите температури предизвикаа суша низ Италија, реките и акумулациите остануваат без вода, загрозувајќи ја животната средина и економијата, пренесуваат италијанските медиуми.
Неколку италијански региони веќе прогласија вонредна состојба за да обезбедат пари за борба против кризата со вода, а здруженијата на земјоделци предвидуваат остар пад на производството во клучните делови од земјата.
„Комбинацијата од најтешката суша во изминатите неколку години и температурите… кои достигнаа 40 степени Целзиусови кон крајот на јуни ја водат Италија во драматична еколошка и економска ситуација“, објави агенцијата АНБИ.
По, најдолгата река во Италија, која минува низ големи региони на север и обезбедува услови за околу една третина од земјоделското производство во Италија, го забележа најниското ниво на вода во последните 70 години.
„Нивото на водата долж целото течение на По се уште е најниско откако податоците се следени. За две недели количината на вода се преполови и падна на нешто повеќе од 170 кубни метри во секунда“, посочуваат од АНБИ.
Во големите езера на северот на Италија водата веќе падна под рекордното ниско ниво или е блиску до него, а силно паѓа и во природните акумулации во централна Италија. Нивото на водата во Тибар е на најниско ниво во последните неколку години, а во Аниен протокот е на половина.