Претседателот Стево Пендаровски и Фондот за деца при Обединетите Нации (УНИЦЕФ) денеска го најавија почетокот на новата заедничка иницијатива „Преосмисли ја иднината“, чија цел е на децата и на младите да им се даде простор да се вклучат во дефинирањето на визијата за иднината што ја сакаат за себе и за идните генерации.
Како што соопшти Кабинетот на претседателот Пендаровски, во наредните три месеци младите ќе имаат шанса за учество во консултации каде ќе дискутираат за прашања што им се важни, за своите најголеми предизвици и очекувања за иднината на земјата, а ќе добијат и простор да предложат решенија со кои визијата ќе се претвори во реалност.
-Денешната генерација на млади се соочува со голем број предизвици. Но, истовремено тие се најинформираната и најдигитализираната генерација во нашата историја која има уникатна прилика да направи нешто за својата иднина. Наша должност е да ги слушнеме нивните ставови, затоа што нивните идеи се важни. Да им помогнеме да бидат дел од процесите на креирање политики и носење на одлуки кои влијаат на нивната и иднината на сите нас, истакна претседателот Пендаровски.
Во земјата, како што се наведува во соопштението, има близу 190.000 адолесценти на возраст од 12 до 19 години, а сепак малкумина од нив имаат можност да учествуваат во одлуките што го засегаат нивниот живот, нивната егзистенција и нивните заедници. Квалитетното образование, менталното здравје, спречување на насилството на интернет, климатската акција и вработувањето се меѓу главните приоритети на младите пред и за време на пандемијата со КОВИД-19. Оваа нова иницијатива се фокусира на подобра и поправедна иднина за секое дете и секој младинец во земјата во периодот по КОВИД-19.
-Она што го правиме за децата и младите, заедно со нив и во нивно име денес, ќе го одреди нивното утре. Ваквата заедничка иницијатива доаѓа во клучен момент и претставува ретка можност да се преосмисли иднината заедно со децата и младите. Преку иницијативата, младите ќе се оспособат да станат двигатели на промени за низа прашања, а нам ќе ни се овозможи да го искористиме огромниот потенцијал за иновација и трансформација што тие го нудат кога се поддржани со вистинските платформи и вештини, и кога имаат самодоверба да бидат лидери во својата земја, изјави Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ.
Младите се поканети да учествуваат во првата онлајн-анкета чија цел е да се утврдат предизвиците со кои се соочуваат, но и да се откријат нивните идеи и визии за иднината. Наодите од истражувањето ќе послужат како поткрепа за темите на работилниците во наредните месеци, а младите ќе бидат поканети да се приклучат преку отворен повик.