Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски се обрати на одбележување на 81-годишнината од нацистичкиот погром против Евреите, познат како „Кристална ноќ“, во знак на сеќавање на трагичната историја, но и потсетување за придонесот на храбрите граѓани кои спасувале Евреи за време на војната.
-Вообичаено ние ги одбележуваме крупните годишнини од настаните. На пример, годинава се навршуваат 30 години од падот на Берлинскиот ѕид и 75 години од истоварувањето во Нормандија. Но, постојат и трагични настани на кои треба да се потсетуваме секоја година за да не ни се повторат. Затоа Институтот за духовно и културно наследство на Албанците денеска ја одбележува 81-та годишнина од „Кристалната ноќ“. Поради историска иронија, 9 ноември е истовремено еден од најсветлите и најтемните датуми за Германија и за Европа. На овој ден е прогласена Вајмарската Република, но и извршен неуспешниот пуч на Хитлер. И, ако на 9 ноември 1922 година Германија се гордеела со Ајнштајновата Нобелова награда, веќе на истиот датум во 1938 година нацистичкиот режим организирал погром врз Евреите познат како „Кристална ноќ“, истакна Пендаровски.
За време на овој исцениран погром, како што посочи, повеќе од 100 луѓе биле убиени, повеќе од 30 000 луѓе биле уапсени и одведени во концентрациони логори само затоа што биле Евреи. Во текот на неколку дена била направена огромна материјална штета. Стотици синагоги биле уништени, илјадници еврејски домови и продавници биле ограбени. Евреите не само што не биле обесштетени туку преку една правна пародија морале да ѝ платат оштета на истата држава што го оркестрирала погромот против нив. Освен физичката, Евреите биле изложени и на психичка тортура. Сведоштвата зборуваат за рабини кои биле принудувани јавно да читаат антиеврејски извадоци од Хитлеровата „Mein Kampf“, деца кои биле терани да цртаат антисемитски графити на нивните куќи, врвни оперски пејачи ‒ Евреи кои под нишан морале да пеат нацистички песни.
-Овој организиран погром послужил како повод за воведување нови неправедни, античовечки закони чија цел била систематско исклучување на Евреите од сите сфери на јавниот живот во нацистичка Германија. На Евреите им биле одземени повеќето граѓански, политички и економски права и слободи. Им било забрането да работат во јавната администрација и да поседуваат сопствени бизниси. Учениците, студентите и професорите биле исклучени од државните училишта и универзитети. Влезот во музеите, галериите, театрите, спортските терени им бил строго забранет. Практично станало нелегално да се биде Евреин во Хитлеровиот рајх, рече претседателот Пендаровски.
„Кристалната ноќ“, како што додаде, е мрачна увертира кон холокаустот од која мора да извлечеме неколку лекции.
-Прво, неконтролираната политичка моќ во едно општество со латентни предрасуди може да има трагични последици. Холокаустот не се случи неочекувано и преку ноќ. На најужасниот настан во модерната човекова историја му претходеа лагите кои го негираа вроденото човечко достоинство на Евреите. Антисемитизмот, како и другите современи форми на расизам и ксенофобија се закана за слободата, човечноста и достоинството на различноста. Мора да се бориме за вистинскиот баланс меѓу гарантирањето на слободата на говорот и борбата против говорот на омраза. Второ, не е доволно само да бидеш свесен дека се случува за неправдата, потребно е да се грижиш доволно за да преземеш нешто во врска со тоа. И покрај нацистичката цензура, Европа и светот дознале за погромот. „Кристалната ноќ“ била еден вид лакмусов тест за подготвеноста на слободното човештво да застане на страна на обесправените и прогонетите. Ретко кој се осмелувал јавно да се спротивстави. Холокаустот покажа дека нема ништо поубиствено за човековите права од неодлучноста и рамнодушноста. Цената за таа рамнодушност ја платија шест милиони Евреи, меѓу кои беа и 98% од македонските Евреи кои фашистичкиот окупатор на нашата земја ги депортираше во логорот на смртта во Треблинка. Овој ужасен процент е најефективно извршување на „последното решение на Еврејското прашање“ во согласност со монструозните заклучоци од Ванзенската конференција од 20 јануари 1942 година, истакна Пендаровски.
Трето, како што додаде, научниот прогрес, уметноста и образованието сами по себе не се гаранција против злото. „Кристалната ноќ“ и холокаустот се случија пред помалку од еден век, и тоа во срцето на просветителска и рационалистичка Европа од која произлегоа некои од најголемите цивилизациски дострели на сите времиња. Од 15-те учесници на Ванзенската конференција, дури осуммина имале докторати. Со монструозна ладнокрвност тие се обидувале да го утврдат најефективниот начин како да уништат 11 милиони луѓе од окупираната Европа. Единствената вистинска гаранција е исправен однос кон вроденото и неотуѓиво достоинство на човечката личност.
-Две нешта ги спречија плановите за целосно уништување на Евреите. Прво, поразот на нацизмот и крајот на војната. Второ, праведниците меѓу народите. Меѓу илјадниците храбри поединци запишани во Јад Вашем стојат и имињата на 10 македонски граѓани кои во услови на фашистичка окупација се осмелиле да спасуваат Евреи. Меѓу друготo, благодарение и на нив, денеска во Македонија сè уште има Еврејска заедница која е нераскинлив дел од нашето мултиетничко и мултирелигиско општество и мост на пријателство и соработка со државата Израел, рече шефот на државата.
Пендаровски посочи дека во едно слободно општество секој има право да зборува за секоја тема.
– Но, тешко е да се зборува за холокаустот на Евреите без Еврејската заедница и без Меморијалниот центар на холокаустот на македонските Евреи, кои имаат целосен морален легитимитет и авторитет да зборуваат и да бидат чуени. Впрочем, тоа е нивната основна цел и уникатна мисија во Македонија – да нè потсетуваат за да не дозволиме да се повтори, додаде тој.
Случајно или не, како што нагласи Пендаровски, приказната за 9 ноември не завршува со „Кристалната ноќ“.
– Половина век подоцна, во 1989 година, германските граѓани го избраа токму 9 ноември за да го започнат рушењето на Берлинскиот ѕид како тоталитарен симбол на поделената Европа. Борбата за човековите права и слободи, за демократските и европски вредности, ја промени судбината и иднината на нашиот европски континент. Наместо врз националистичката парадигма што доведе до двете светски војни, Европската Унија се гради врз основа на космополитска парадигма на европските граѓани. И, токму затоа, местото на Република Македонија и на целиот регион е во неа, истакна Пендаровски.