Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на Светскиот економски форум во Давос, денеска се обрати на панел сесијата „Во одбрана на Европа“, оценувајќи дека и покрај војната во Украина, предизвиците и мултиплицирањето на кризата, охрабрува покажаната солидарност, не само на европско ниво, туку и трансатлантската солидарност, што, според него, е на ниво кое не било со години и оттаму треба да се црпи надежта за годината пред нас.

На сесијата, на која говореа и Анджеј Дуда, претседателот на Република Полска, Гитанас Науседа, претседателот на Република Литванија, како и Хозе Мануел Алваерез Буено, министер за надворешни работи, ЕУ и соработка на Шпанија и Светлана Тихановскаја – лидерка на Демократските сили на Белорусија, Пендаровски посочи дека е неопходно и по завршување на војната во Украина да биде одржана европската, како и трансатлантската обединетост и солидарност, додека, како што нагласи, ако секој се сврти кон националните интереси, тоа ќе биде тешко одржливо.

Македонскиот претседател потенцираше дека демократиите мора да се држат заедно, и да се борат за зачувување на демократските вредности затоа што во спротива ќе преовладаат автократските и диктаторските режими. Најважно, според него, е да биде одржана целосна обединетост и солидарност по завршување на војната во Украина.

Прашан за безбедносните предизвици на Западен Балкан, претседателот Пендаровски посочи дека во регионот има две чувствителни точки – Република Српска и северот во Република Косово, каде што има обиди за нарушување на интегритетот на овие земји. Претседателот Пендаровски оцени дека ранлива точка во европската безбедносна архитектура, настрана од Украина, е Западниот Балкан и додаде дека НАТО и ЕУ треба да обрнат внимание на тоа.