Кандидатот за претседател Стево Пендаровски вечерва одржа граѓански митинг во Струга. Заблагодарувајќи им се на стружани за масовното присуство, Пендаровски рече дека одговорот на тоа дали е претседател на сите ќе го најдат во неговата работа во изминатите 5 години и им вети дека за нив ќе биде тука и во следните пет години, да им помогне колку што умее и знае.
Пред стружани Пендаровски се осврна на она што е досега сработено и потенцираше дека важноста на влезот на земјата во НАТО е идентична како нашето осамостојување. Во оваа насока Пендаровски истакна дека опозицијата, не само што не нуди план како ќе ја однесе Македонија во ЕУ, туку сака да го поништи Договорот од Преспа.
„Тие не нудат алтернативен план, сакаат само да дојдат на власт. Сакаат одново да преговараат, да ја натераат Бугарија да отстапи. Северна не ги бендисувала, а плата примаат во Собранието. Сега и во Владата имаме, техничка влада, имаме министри од ВМРО-ДПМНЕ и тие примаат плата под Северна Македонија. И назад не ги враќаат ниту платата, ниту мандатот – во тој дел Северна не им пречи“, подвлече Пендаровски.
Говорејќи за работата во следните пет години Пендаровски рече дека иако потешката работа е завршена, сепак државата застана на пола пат во справување со корупцијата. Ја повтори идејата дека е неопходен ветинг на сите судии и обвинители, но и на сите политичари.
Пендаровски ги повика граѓаните на Струга на 24 април да не дозволат да се врати државата назад и заедно да го продолжат европскиот развој на земјата.
Претходно тој беше во Вевчани и Беличишта.
„На опозицијата и пречи што Македонија оди напред, кон развиените земји бидејќи ние сме заслужни за тие успеси, а не тие. Во нивно време имаше 2 групи на граѓани, имаше нивни и наши, симпатизери на ВМРО и останати. Тие ја сакаат Македонија, само кога се на власт, а ние ја сакаме и кога сме и кога не сме на власт, бидејќи таа ни е единствената мајка. Затоа на 24 овој месец треба да излеземе масовно и гласајќи за број 1 да им покажеме дека местото и натаму им е во опозиција“, напиша на социјалните мрежи претседателот и кандидат за втор мандат Стево Пендаровски за посетите на Вевчани и Белчишта како дел од неговата кампања.
Во Вевчани и Белчишта, напиша Пендаровски на социјалните мрежи, на средбите со граѓаните разговоравме за темите кои сите нè засегаат – иднината на нашите млади, економијата и стабилноста на државата. Луѓето знаат да проценат дали некој мисли само на себе и на својот џеб или мисли на нашата иднина.
Кандидатот за претседател Стево Пендаровски ги повика граѓаните „на 24 април да го заокружат бројот 1, за победа и сигурна иднина“.