Претседателот Стево Пендаровски се вклучи во глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“ на Обединетите Нации, чија цел е подигање на свеста за заштита и спречување на насилство врз жени и девојчиња и родово базираното насилство.
-Нужно секој од нас да има нулта толеранција на сите форми на родово базирано насилство, во секоја сфера – во семејствата, во училиштата, во институциите, на работните места, на интернет, во медиумите, на јавните простори, вели претседателот Пендаровски во пораката по повод кампањата.
Пандемијата, вели тој, не потсети дека домот не е најбезбедно место за многу жени и деца, жртви на семејно и родово базирано насилство, затоа што бројките покажуваат алармантен број на вакви случаи, и кај нас и во светот. Зголемените бројки, според претседателот Пендаровски, се последниот сигнал дека ни е потребен зајакнат одговор од институциите и сеопфатна стратегија и поддршка на жртвите на насилство.
–Со ратификувањето на Истанбулската конвенција и Акцискиот план за нејзино спроведување направивме значаен исчекор во подобрување на институционалните механизми за превенција и заштита од родово базираното насилство. Меѓутоа, за подобри резултати потребни се буџетска поддршка, посветеност и соработка меѓу институциите и на национално и на локално ниво. Потребен е системски пристап во едукацијата за препознавање на сите форми на родово базирано насилство, како и заштита, спречување, пријавување на насилството, сослушување и поддршката на жртвите, порачува Пендаровски.
Тој потенцира и дека е потребно секој од нас да преземе одговорност.
-Секогаш кога сме сведоци на насилство врз жени и девојчиња или семејно насилство, наша должност, пред се, како луѓе е да пријавиме и да им дадеме поддршка и помош на жртвите. Побарајте помош и пријавете насилство во полиција, во центрите за социјална работа, на СОС линиите, кај граѓанските организации, информирајте ги вашите блиски пријатели или роднини. Ако сакаме општество на слободни и достоинствени граѓани, мора да им овозможиме на сите да имаат свое место во заедницата во која ќе се чувствуваат безбедни и сигурни. Да се бориме против насилството врз жените и девојчињата и против сите форми на родово базирано насилство, секој ден, сите заедно, вели претседателот Пендаровски.
Во знак на поддршка на кампањата, Кабинетот на Претседателот на Македонија „Вила Водно“ е осветлен во портокалова боја.