Македонскиот претседател Стево Пендаровски го потпишал помилувањето за Бедри Зекири, еден од припадниците на нарко картелот „Барон“, иако претходно Министерството за правда дало негативно мислење, објави скопска Република.
Зекири делумно се ослободува од натамошно извршување на неиздржаниот дел од казната затвор, односно казната му се намалува за шест месеци, се вели во одлуката објавена во „Службен весник“.
По пресметките на бандите од скопското подземје „Дуќанџик“ и „Беланоца“, групата „Барон“ го презема „пазарот“.
По објавата на оваа информација по медиумите, од кабинетот на претседателот информираат дека Зекири поднел молба за помилување за две кривични дела, а со помилувањето од шест месеци ќе треба да издржува затворска казна до 2027 година.
Лицето Бедри Зекири има поднесено молба за помилување за извршени 2 кривични дела – убиство во обид и учество во тепачка. Вкупната затворска казна му е 4 години и 11 месеци. Комисијата за помилување како соведотавно тело на претседателот Пендаровски едногласно му предлага на претседателот да биде помилуван за 6 месеци. Со ова помилување, лицето Бедри Зекири затворската казна ќе ја издржува до 2027 година, соопштија од кабинетот на Пендаровски.
Членови на Комисијата за помилување во кабинетот на претседателот се Љубомир Јовевски, Томислав Кежаровски, Љубомир Михајловски Џанго, Билјана Петковска, Уранија Пировска (претседателка), Фехми Стафа, Кимо Чавдар, Ерол Рушид, Сафет Алиу и Зора Митиќ.