Претседателот на државава Стево Пендаровски од Тетово порача дека Европската унија сериозно укажува на злоупотреба на можноста со европско знаменце и по кратка постапка да се носат закони, како што беше направено во областа на игри на среќа.
Воедно, тој одговори на обвинувањата од ДУИ дека „непотпишувањето на законот е приказни за мали деца“ и порача дека не смее да се повторува ваквиот начин на носење на закони.
-Јас не мислам дека писмен допис од Брисел за било кого тука во земја кандидат која преговара за членство во Европска унија може да се каже дека е приказна за мали деца. Според мене, тоа е сериозно укажување кое не би смеело како однесување да го повторуваме понатаму. Пред месец дена Европската комисија, значи Европска унија од Брисел праќа писмо до Владата и вели во процедура во Собрание имате закон со кој практично се злоупотребува европското знаме, бидејќи таква европска директива нема. Меѓутоа, пратениците тераат до крај, го усвојуваат тој закон. Пред неколку дена доаѓа европскиот амбасадор кај мене и ми вели, ова е злоупотреба уште една во серија на европското знаме, никој не спори дали е законот добар или лош вели, не смее да биде злоупотребувано европското знаме. Тој посочува дека ако сакаме да одиме во Европска унија, мораме пред да станеме членки да се однесуваме како прави европјани. Вели ова е на балкански начин, а во извештајот за вашиот прогрес во октомври, што се објавува секоја година, имаме серија критики зошто некои закони ги носиме на таков начин, изјави претседателот Пендаровски при посетата на Универзитетот во Тетово.
Пендаровски образложи дека мора да има прецизна европска директива со број и датум кога е донесена. Потенцира дека не навлегува воопшто во содржината на законот, дали е добар или не, туку дека го вратил поради повеќето писмени забелешки на ЕУ.
-Во овој случај такво нешто нема и затоа треба законот да оди во редовна процедура и да не трае само 2, 3 дена, целата расправа, само тоа е. Не велиме дали е добар или лош законот како содржина може да е одличен. Меѓутоа велиме мора да се однесуваме како Европа. Бидејќи јас сум легалист за мене најважна работа тоа да го нема. Се друго може кога ќе иде во редовна процедура ќе ги чуеме аргументите и на едните и на другите и македонската јавност ќе ги чуе и ќе заклучиме што е најдобро за неа, истакна Пендаровски.
На прашањето дали ќе се кандидира за претседател Пендаровски рече дека одлуката ќе биде донесена за околу пет до десет дена од сега.
Фото: МИА