Досегашниот претседател Стево Пендаровски се рекламирал скоро двојно повеќе на телевизија од новата претседателка Гордана Силјановска Давкова пред првиот круг од претседателските избори, покажува извештајот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Втор по рекламирање на телевизија пред првиот круг бил Бујар Османи од ДУИ.
Пендаровски закупил над 500 илјади секунди рекламно време, односно скоро 140 часа, Османи над 353 илјади секунди, односно 98 часа, а Силјановска Давкова скоро 299 илјади секунди, односно 83 часа. Блиску до неа бил и Арбен Таравари, а останатите тројца кандидати – Максими Димитриевски, Билјана Ванковска и Стевчо Јакимовски добиле значително помалку време.
Ако се спореди со бројот на освоени гласови во првиот круг од претседателските избори на 24 април, Пендаровски потрошил по 2,8 секунди рекламен простор на телевизија за освоен глас, а Силјановска Давкова три пати помалку, односно 0,8 секунди. Најмногу рекламно време за освоен глас потрошил Стевчо Јакимовски – 4,3 секунди по глас, па Арбен Таравари – 3,5 секунди, а најмалку Максим Димитриевски – половина секунда по освоен глас.
Силјановска Давкова, пак, се рекламирала скоро три пати повеќе од Пендаровски на радио.
Од националните телевизии, најмногу рекламно време било закупено на ТВ Алсат, па следуваат Канал 5 и ТВ 21.
Од регионалните телевизии, најмногу реклами имало на ТВ Коха, ТВ Тера и ТВ Едо.
ТВ Плус Куманово, Канал 8 Кочани и Феста Куманова се рекордери по рекламирање меѓу локалните телевизии.
Анализата на АВМУ покажува дека кандидатите се рекламирале на најголемите локални телевизии скоро колку на националните.
ТВ Телма е единствена од националните телевизии на која имало реклами од сите седум кандидати. На ТВ Алфа имало реклами само на Гордана Силјановска Давкова. Максим Димитриевски не се рекламирал на Алсат, а Ванковска била без реклами на Канал 5. Јакимовски и Таравари не се рекламирале на Сител, а Ванковска, Димитриевски и Јакимовски немале реклами на ТВ 21.
Антена 5 и Јон имале најмногу реклами меѓу националните радија, Сити и Буба Мара меѓу регионалните, а Радио Кавадарци и Радио Комета од Гостивар имале најмногу реклами меѓу локалните радио станици.
На кандидатите поддржани од парламентарна политичка партија со парламентарна група – Стево Пендавски, Гордана Силјановска Давкова, Бујар Османи и Арбен Таравари, според законот, им следува по 4 минути рекламно време на час, на Ванквска и Јакимовски, поддржани од партии во парламентот кои немаат пратеничка група им следува по 1 минута реклама на час, а на Димитриевски, поддржан од вонпарламентарната ЗНАМ, му следуваа по 30 секунди рекламен простор на час.