Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски вечерва беше меѓу граѓаните на Берово. Пред беровчани тој ги нагласи политиките на актуелната Влада за отворање на портите на Европа наместо тунелот во кој како што рече, претходно се наоѓаше државата.
-Власта мораше да донесе тешки одлуки и компромиси за да отвориме порти кон Европа. Претходно бевме во тунел и се вративме 30 години назад. Дојде генерација политичари кои решија да не ги ставаат под тепих проблемите и по цена на популарноста застанаа здраво и донесоа клучни одлуки да излеземе од балканската изолација. Свртевме нов лист на помирување, кажавме доста е делби, и решивме дека нема да се оди напред ако не се направи консензус за отворање на вратите кон Европа, рече Пендаровски.
Тој го напомена горливиот проблем со иселувањето, што ќе се надмине по влегувањето во Европската Унија. Како пример за решавањето на проблемот со иселувањето Пендаровски ја наведе Бугарија, која по влегувањето во ЕУ има процент од 5,6 невработеност.
-Верувам дека за кратко време и нашата земја како што тоа се случи во Република Бугарија ќе ја намали таа стапка на невработеност. Тоа ќе се случи со довршување на работите за пристап во НАТО и ЕУ. НАТО гарантира безбедност на границите и пошироко не само кај нас. Штом тука имаме гаранции ги отвораме фондовите на ЕУ. Ако во јуни ги отпочнеме преговорите имаме огромни фондови во делот на земјоделието. 120 милиони евра само претходната година вложи во субвенција. Ако станеме држава која преговара тое средства ќе се зголемат. Јас мислам дека подобра опција од оваа и од безбедносна и економска причина нема, додаде Пендаровски.
Од другата страна, според она што го велат противниците, рече Пендаровски, имаме рецепт за конфликт, бидејки тие велат дека се што сме направиле ќе го вратат назад.
Пред беровчани се обрати и сопственикот на ресорт „Аурора Спа”, Роза Сирачовска, која отворањето на граничниот премин Клепало го наведе како најголем успех на правилните политики на актуелната влада.
-После толку време се создаде политичка клима и политичари кои нас не водат кон подобар живот. Фактот што веќе сме на прагот на НАТО и ќе ги започнеме преговорите за ЕУ е знак дека одиме во добра насока. Заложбата за отворање на граничниот премин Клепало е за уште поголем развој на туризмот во Берово во целина. Затоа јас ќе го изберам Стево за мој претседател, истакна Сирачовска.
По средбата со граѓаните на Берово, Пендаровски во рамки на централниот митинг ќе се обрати пред граѓаните на Делчево.