Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски во интервју за РТЛ кажа дека паѓа поддршката за ЕУ поради чекањето за влез веќе 20 години.
„Паѓа драстично поддршката. Во последните две години таа поддршка е преполовена. Ние секогаш сме биле со високи проценти, до дури 90% за влез во ЕУ, но под тие услови кои беа во моментов. Сега кога ќе ги прашате Македонците, особено дали Македонија треба да стане членка на ЕУ под овие услови, Бугарите да влезат во Уставот, 80% ќе кажат НЕ“, вели Пендаровски.
Во интервјуто кажа дека е разочаран од некои од челниците на ЕУ и на некои од претседателите на европските држави.
„Морам да признаам и да кажам дека сум разочаран од некои од високите челници не само од ЕУ, туку од поедини држави. Не би сакал сега да ги именувам земјите, тоа не ми личи како претседател на државата, но очекував повеќе од страна на силните земји на ЕУ во тој правец, да ја убедат Бугарија дека може да дозволи да одиме во ЕУ без тие услови. Тоа никој не може да го поверува во Македонија“, смета Пендаровски.
Тој додаде дека Русија со инвазијата во Украина нема многу време да размислува за Балканот.
„Тврдам дека тоа што целиот Балкан не напредува кон Унијата, е од многу причини, и нашите домашни задачи не се направени на време ниту квалитетно, но исто така и тоа што ЕУ не се фокусира доволно на регионот. И тоа ја отвора вратата ширум за руско влијание. Во таа несреќа што се случува на инвазијата врз Украина, Русија не е многу концентрирана на Балканот, затоа што со сите ресурси е концентрирана кон Украина, но затоа постојат регионални, како да ги наречам, „полномошници“ кои тоа го прават наместо Русија, директно“, вели Пендаровски.
На прашањето кои се тие „полномошници“, Пендаровски одговори:
„Не сакам да зборувам, затоа што сме во ист регион, делиме иста судбина, но постојат политички партии, поединци, цели структури кои едвај чекаат целата европска причина да оди во историјата, и да дојде некоја руска алтернатива. Многу држави во последно време зборуваат за Брикс, а никој нема аргументи зошто Брикс е подобар од ЕУ. Заеднички именител им е што не ги сакаат САД. Тоа не може да биде платформата на која треба да ја градиме иднината. Тоа е проблем“.