Немам една лична, а друга официјална позиција, ќе ги проценам нашите шанси за почеток на преговорите, најпосле, по 17 години во кои сме биле кандидат, на помалку од 50 отсто.
Оваа во интервју за Еуроњуз го истакна претседателот на државата Стево Пендаровски.
Односите со соседна Бугарија, Пендаровски ги оцени како не толку добри, какви што беа претходно.
-Чесно речено не се толку добри, какви што беа претходно. Двете држави беа разделени со децении за време на комунизмот. Тогаш Бугарија со својот комунистички режим, и ние-дел од комунистичка Југославија. Но, во 90-тите години и по паѓањето на комунизмот, замрзнатата ситуација започна да се топи. Во таа смисла двете држави започнаа подобро да комуницираат меѓу себе. Таа комуникација, во споредба со други соседни држави, не беше на ниво, поради различни причини поврзани со историјата, но сепак одреден период имаше подобрување на ситуацијата. За жал, последниве години Бугарија неочекувано почна да пројавува барања поврзани со историјата, нашето етничко потекло итн. и на изненадување на сите ги поставија на маса, изјави Пендаровски.
Одговарајќи на прашањето што е причината Бугарија да продолжи со тие барања, претседателот Пендаровски рече:
-Според нивното објаснување, тие мислат дека на некој начин треба да го имитираат грчкото однесување од последните децении кон нас. Тие велат, сакате да сте дел од Европската унија? Добро-ние сме внатре, вие сте надвор. И ние сега имаме претходни услови за вас. Зошто? За да го заштитат својот национален интерес. Ние го штитиме својот национален интерес и тоа е судирот на национални интереси од двете страни. Ние сметаме дека ги имаме сите аргументи. Зашто, ние сакаме да зборуваме за вистински аргументи и критериуми, што сме ги исполниле за да влеземе во ЕУ. Не да зборуваме за 19 век, за 10 век, кои се првите што дошле на Балканскиот Полуостров. За жал, тие се цврсто заседнати во историските прашања.